Рома и официјално има нов тренер – творецот на чудото од Бергамо!

Екипата на Рома денеска и официјално го назначи Џан Пјеро Гасперини за нов тренер на првиот тим, како наследник на Клаудио Раниери, кој останува во клубот како спортски директор.

Тој ќе го води тимот од италијанската престолнина најмалку до летото 2028 година, а во клупското соопштение се истакнува дека е познат по својата иновативна тактика, силна работна етика и способност да развива играчи. Сопствениците на клубот, како и поранешниот тренер Раниери, веруваат дека токму тој е вистинскиот избор за водство на тимот.

„Рома има чест да објави дека Џан Пјеро Гасперини е новиот стратег на првиот состав. Добредојде, тренеру! Форца Рома“, стои во официјалната изјава на клубот.

Гасперини доаѓа во Рома по долга и успешна етапа како тренер на Аталанта, клуб кој го трансформираше во еден од најатрактивните и најконкурентни тимови во Серија А. Аталанта под негово водство кое почна во 2016 година, трипати заврши во меѓу четирите најдобри во италијанскиот шампионат и редовно настапуваше во европските натпреварувања, вклучувајќи го и историскиот трофеј во ланското издание во Лига Европа. Двапати беше избиран и за тренер на сезоната во Серија А и тоа во 2019 и 2020 година.

ФОТО: AS ROMA