
ЕХФ конечно пресече: Алкалоид и официјално е победник во Европскиот куп!
Неодиграниот натпревар е регистриран со службени 10-0 во корист на македонскиот тим, а одлуката уследи по тоа што грчкиот тим одби да ја игра средбата закажана за 25 мај во „Борис Трајковски“ поради притисок од нивните навивачи. Судот на ЕХФ оцени дека АЕК бил должен да учествува на натпреварот, а со одбивањето да настапи, клубот ги прекршил правилниците на федерацијата. Затоа, тој е прогласен за одговорен.
„Имајќи предвид дека македонскиот тим победи и на првиот натпревар со 29-25, тој го освојува трофејот и ги добива сите поврзани привилегии и права“, се вели во одлуката на ЕХФ.
Од европската Куќа на ракометот нагласуваат дека евентуална жалба од страна на АЕК нема да го суспендира спроведувањето на одлуката. Воедно, дисциплинската постапка за одбивањето да се игра, за евентуалната штета и начинот на продажба на билетите сè уште е во тек.
АЕК има рок од седум дена да поднесе жалба до ЕХФ Судот за жалби.