Жозе Мурињо бил на чекор до враќање во Интер, но пресудиле – парите!

Жозе Мурињо бил на чекор до враќање на тренерската позиција во Интер, но неговиот сегашен клуб Фенербахче ги уништил амбициите на миланскиот гигант со повикување на големата откупна клаузула во договорот што го имаат со Португалецот.

Според италијански медиуми, раководството на Интер, откако добил негативен одговор од Цеск Фабрегас, тргнал по поранешниот тренер кој во 2010 година ја донесе историската тројна круна. Мурињо бил подготвен да се врати, без да поставува финансиски услови, воден од силна желба повторно да го води клубот каде што го постигна најголемиот успех. Меѓутоа, неговата моментална обврска со Фенербахче, каде што има договор до 2026 година и годишна плата од шест милиони евра, се покажала како клучна пречка. Според договорот, евентуално предвремено заминување би значело огромна финансиска компензација – што за Интер било неприфатливо.

Фенер и покрај тоа што остана без трофеи оваа сезона, решил да му даде нова шанса на Мурињо, со совет да го скроти темпераментот и целосно да се фокусира на освојување на титулата следната сезона, посебно во борбата со Галатасарај. Интер, пак, брзо реагираше и го назначи Кристијан Киву за нов тренер. Поранешниот дефанзивец на клубот, кој под водство на Мурињо беше дел од шампионската генерација, сега добива можност да се докаже на сениорско ниво, по работата во младинските категории и краткиот престој во Парма.