Биелса го препороди Алиоски: Македонското крило конечно дочека пофалби од навивачите (ФОТО)

Македонското репрезентативно крило Езгјан Алиоски најави уште пред стартот на Чемпионшип-дивизијата во Англија дека Лидс е „бомба која чека да експлодира“ и по две кола, тој и соиграчите играат неверојатно со две победи и шест гола во кои за половина е главен виновник токму нашиот репрезентативец.

Алиоски во минатата сезона имаше блескави партии, но навивачите на Лидс и покрај добрите настапи успеваа да најдат „влакно во јајцето“, па на социјалните мрежи и кога игра добро да го критикуваат. Но, откако Марсело Биелса го препороди Алиоски, а и комплетниот тим на Лидс, сега не запираат пофалбите и задоволството кај навивачите од настапите на македонскиот репрезентативец.

Алиоски на воведниот меч со Стоук имаше една асистенција, а вчера на гостувањето кај Дерби постигна гол и додаде асистенција во триумфот со 4-1, но уште повеќе остави силен впечаток на фудбалер кој и тоа како може да има исклучителна сезона во обидот поранешниот полуфиналист во Лигата на шампионите повторно да се врати во англиската елита.

Добрите настапи на стартот на сезоната посебно треба да го радуваат селекторот Игор Ангеловски пред стартот на Лигата на нации во која Македонија ќе го брка првото место во групата во Д-дивизијата за да продолжи кон плејофот и полесниот пат за настап на Евро 2020.