Бетис викендов во Шпанија ќе игра со дрес направен од портокал (ФОТО)

Фудбалерите на шпанскиот прволигаш Бетис утре ќе истрчаат во специјални зелено-бели дресови изработени од кора од портокал и рециклирани материјали, со цел да испратат порака за борба против климатските промени, во момент кога нивната покраина Андалузија се соочува со разорни дождовни бури.

Под мотото „Животот во зеленило започнува во соседството“, клубот во Севиља го претстави дресот што ќе го носи на натпреварот против Рајо Ваљекано во 25. коло од шпанското првенство.

„Ова е првиот фудбалски дрес изработен од портокали, дизајниран да го истакне природното наследство на градот и да испрати порака за високите температури и потребата од подобар квалитет на живот во урбаните средини“, изјави портпаролката на проектот Мерцедес Јеламо Мена.

Од влакна од портокал е изработено 16 проценти од дресот, додека остатокот е од рециклиран полиестер и дрвна пулпа, суровина што се добива со ситнење на дрвни влакна. Броевите на дресовите се во портокалова боја и се направени со мастило без хемикалии, кое при гребење ослободува мирис на цвет од портокал.

„Целта е оваа порака за помогне во подигнување на свеста не само да се види, туку и да се почувствува“, порача Јеламо Мена.