Бразилците бараат најстрога казна за Престијани

Бразилскиот фудбалски сојуз (ЦБФ) испрати официјално барање до ФИФА и УЕФА за строго санкционирање на сите инволвирани во случајот за наводен расизам кон Винисиус Жуниор.

Во писмото потпишано од претседателот Самир Шауд, сојузот очекува двете организации темелно да го истражат инцидентот и да преземат конкретни мерки за идентификување и казнување на одговорните за расистичките навреди.

ЦБФ ѝ се заблагодари на ФИФА за јавниот гест на солидарност што го покажа претседателот Џани Инфантино, како и за измените во членовите 15 и 30 од дисциплинскиот кодекс, кои предвидуваат нови механизми за борба против дискриминацијата и нејзино искоренување од фудбалот.

Во обраќањето до УЕФА, бразилската федерација нагласи дека европската куќа на фудбалот со години важи за лидер во борбата против расизмот и дискриминацијата, со политики насочени кон превенција и строго казнување на ваквото однесување.

Воедно беше посочен и членот 2 од Статутот на УЕФА, кој утврдува дека една од нејзините цели е промоција на фудбал без каква било форма на дискриминација, како и членот 7, кој обврзува на спроведување ефективни мерки за спречување нови расни прекршоци преку превентивни политики и ригорозни санкции.