Компани го нападна Мурињо: Тоа не е пример кој треба да се следи

Тренерот на Баерн, Винсент Компани, јавно го поддржа Винисиус Жуниор по инцидентот на натпреварот од Лигата на шампиони меѓу Реал Мадрид и Бенфика, кога бразилскиот фудбалер пријави расистичка навреда од противникот.

Винисиус се обрати кај судијата на натпреварот Лисабон, а од Реал подоцна соопштија дека навредите доаѓале од противничкиот фудбалер Џанлука Престијани.

Ситуацијата предизвика бурни реакции, особено по изјавите на тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, кој сугерираше дека напаѓачот на Реал со своето славје ја провоцирал реакцијата.

„Кога ќе се погледне самата ситуација на теренот, реакцијата на Винисиус не може да се одглуми. Јасно се гледа дека е емотивна. Не гледам никаков мотив да оди кај судијата и самиот да си стави на себе таква тежина. Апсолутно нема причина за тоа. Ако го направил тоа, верувам дека во тој момент сметал дека тоа е правилна работа“, изјави тренерот на Баерн.

Посебно се осврна на изјавите на Мурињо по натпреварот:

„За мене уште полошо е она што се случи по мечот. Жозе Мурињо е еден лидер на тим и јавно го нападна Винисиус, сметам дека тоа е голема грешка и пример кој не треба да се прифати“, додаде Компани. 

Сепак во продолжение Белгиецот се обиде и да ја „спушти топката“.

„Знам дека е добра личност. Не морам да го судам како човек. Разбирам што можеби сакал да направи, но направи грешка“, заклучи Белгиецот.