Баерн Минхен вторпат по ред не победува во Бундеслигата – само реми во Берлин (ВИДЕО)

Лидерот на табелата, екипата на Баерн Минхен, второ коло по ред не победува во Бундеслигата, откако ремизираше на денешното гостувањето кај Унион Берлин (1-1) во натпревар од 26. коло.

Баварците имаа тотална доминација со 81-отсто посед на топката и неколку солидни шанси, но не успеаја да го скршат отпорот на домаќинот. Лирој Сане го отвори резултатот во 75. минута, носејќи предност за Баерн, но Унион Берлин не се предаде. Девет минути подоцна, Бенедикт Холербах погоди за конечни 1-1. И покрај притисокот до крајот на мечот, избраниците на Винсент Компани не успеаја да дојдат до победнички гол.

Со овој резултат, Баерн останува на врвот со 62 бода, девет повеќе од Баер Леверкузен, кој има и натпревар помалку. Унион Берлин, пак, со освоениот бод сега има вкупно 27. Во останатите денешни натпревари, Аугсбург славеше минимално против Волфсбург со 1-0, Мајнц и Фрајбург одиграа нерешено 2-2, а Борусија Менхенгладбах забележа убедлива победа од 4-2 на гостувањето кај Вердер Бремен.