
„Нашата визија е силен, организиран и конкурентен македонски фудбал!“
Омерагиќ доби четиригодишен мандат, а во неговиот говор по изборот вети нови, многу подобри денови за македонскиот фудбал.
„Не сме овде само да зборуваме за проблемите од минатото - туку да погледнеме напред, кон новата визија и стратегија за македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија има обврска да постави јасен правец, да создаде систем кој ќе гарантира долгорочен развој и да ја врати довербата кај сите што се дел од овој спорт. Нашата визија е јасна: Силен, организиран и конкурентен македонски фудбал на сите нивоа.
Младински категории кои ќе бидат столбот на идните успеси;
Современа инфраструктура која ќе им овозможи на фудбалерите да напредуваат;
Федерација која работи транспарентно, професионално и во интерес на фудбалот;
Работиме на нова генерална стратегија: План за иднината!
Без силни млади категории, нема иднина. Ќе вложуваме во подобри услови за тренинг, селекција на таленти и едукација на тренери. Нашата цел е да создадеме млади фудбалери кои повторно ќе бидат конкурентни во европските квалификации.
Во таа насока, една од битните работи е создавањето на скаутинг систем во рамки на нашата федерација кои ќе има единствена цел - македонските таленти од странство да имаат еден избор – дресот на Македонија.
Подобрување на инфраструктурата
Фудбалот не може да напредува без квалитетни терени. Ќе инвестирамево изградба и модернизација на терените ширум Македонија и тренинг-центри, со реални проекти и јасна финансиска стратегија.
Финансиска стабилност и транспарентност
Секој денар во федерацијата ќе биде инвестиран во вистински проекти. Заврши времето на непродуктивно трошење - парите ќе одат таму каде што се најпотребни. На оваа позиција доаѓам како поранешен фудбалер и успешен бизнисмен, фудбалот доволно ми има дадено, време е да му вратиме за добро на сите.
Поддршка за клубовите
Клубовите се крвотокот на фудбалот. Новата стратегија предвидува конкретни програми за финансиска и стручна помош, за да им помогнеме да растат и напредуваат. Да бидат конкурентни во Европските натпреварувања или барем на повисоко ниво од тоа што денеска го имаме.
Унапредување на меѓучовечките односи и професионализација
Федерацијата мора да биде модел на професионалност, транспарентност и ефикасност. Ќе градиме култура на соработка, почит и јасни одговорности.
Фудбалската федерација ќе обезбеди целосна логистичка, стручна и финансиска поддршка за двете најважни селекции – А репрезентацијата и репрезентацијата до 21 година. Впрочем, за нас ќе бидат важни селекциите од најмала возраст до најдобрата репрезентација.
А репрезентацијата е лицето на македонскиот фудбал, нашиот најголем амбасадор на меѓународната сцена. Ќе направиме сè за да имаат најдобри услови за подготовкии поддршка за големи натпреварувања.
Селекцијата до 21 година е нашата иднина - тие се играчите што ќе ја предводат А репрезентацијата во годините што доаѓаат.
Затоа, ќе вложуваме во нивниот развој, ќе им обезбедиме врвни услови за тренинг, подобра координација со клубовите и можности за меѓународни искуства.
Многу важен дел од новата Стратегија ќе биде целосната реформа во структурата на Општинските фудбалски Сојузи и реформа на организациската структура на Фудбалската федерација на Македонија.
Оваа исклучително битна реформа во Општинските фудбалски Сојузи ќе ја работиме во соработка и целосен мониторинг на УЕФА. Со проверка на легитимитет на клубовите кои настапуваат во Општинските фудбалски Сојузи ќе го утврдиме и легитимитетот на самите Општински Сојузи. Мораме да имаме јасна слика за тоа кои клубови учествуваат во организираниот систем на Општинските Сојузи, а потоа и во натпреварување на ФФМ.
Ова не е само моја визија - ова е наша заедничка мисија. Само со чесна работа и со јасен план, можеме да го издигнеме македонскиот фудбал на ниво кое сите го посакуваме.
Време е за нов почеток. Време е за резултати. Одиме напред - за македонскиот фудбал“, рече Масар Омерагиќ по изборот за претседател на ФФМ.