Шпански новинар со совет до Мбапе: Модриќ нека ти држи приватни часови

Шпанскиот новинар Хуанма Родригез гостуваше во програмата на „Ел Чирингуито“ во која зборуваше за актуелните ситуации во Реал Мадрид.

Една од темите беше Килијан Мбапе за кого Родригез смета дека досега можел да даде повеќе за тимот. За пример како францускиот напаѓач може да напредува го зема Лука Модриќ.

Модриќ имаше тежок почеток на кариерата во Реал, а пристигна од Тотнем во 2012 година.

Во својата прва година Хрватот беше прогласен за најлош трансфер во годината, а денес важи за легенда и со „кралевите“ успеа да освои 28 трофеи.

Мбапе од своето доаѓање од ПСЖ како слободен фудбалер за Реал постигна 28 голови и подели четири асистенции, но во последните пет натпревари постигна само еден гол.

Токму тоа го поттикна Родригез да го советува Французинот.

„Модриќ е до него, може да го праша каков беше неговиот почеток во Реал. Нека му држи приватни часови“, изјави новинарот.