
Уникатен потег: Галатасарај побара пари од навивачите за да го задржи Осимен!
Турскиот шампион сака да го задржи напаѓачот, но сумата за неговиот трансфер изнесува околу 75 милиони евра, што претставува значителен финансиски предизвик за гигантот од Истанбул. Осимен минатото лето беше поврзуван со неколку европски гиганти, а доби и примамлива понуда од Саудиска Арабија. Сепак, откако сите потенцијални договори пропаднаа, тој неочекувано се пресели во Галатасарај на позајмица до крајот на сезоната.
Иако клубот не располага со финансиска моќ како водечките тимови од најсилните европски првенства, нема намера лесно да се откаже од напаѓачот. Заимоглу предложи акција во која навивачите би донирале различни суми, со цел да се обезбеди потребниот износ.
„Имаме 35 милиони навивачи. Ако секој донира по еден или два долари, можеме да собереме значителен дел од средствата. Некои навивачи се подготвени да одвојат и 1.000, 10.000, па дури и 100.000 долари. Ајде заедно да го задржиме Осимен во Галатасарај“, изјави Заимоглу.
Доколку навивачите навистина се мобилизираат и успеат да ја финансираат акцијата, овој трансфер би влегол во историјата како прв ваков во елитниот фудбал.