Кожув со пресврт во финишот стави крај на победничката серија на Феникс!

Екипата на Кожув ја продолжи победничката низа и ја продолжи борбата за второто место во кошаркарскиот шампионат, откако денеска на пладне, на гостински терен, го совлада тимот на Феникс (80-72).

Гевгеличани со овој триумф ја прекина серијата од шест победи на скопскиот состав во првенството, како и на осумте по ред на домашен терен. Натпреварот беше неизвесен во најголемиот дел, а највисоката разлика изнесуваше шест поени, која Феникс ја имаше еднаш, а Кожув четири пати. Одлуката падна во последните четири минути, кога домаќините водеа со 71-67, но Кожув одговори со серија од 13-0. Клучна улога одигра Пилепиќ, кој во тој период погоди три тројки.

Стевановиќ беше најпрецизен во победничкиот тим со 20 поени, додека Пилепиќ постигна 19, а Симиќ се истакна со „дабл-дабл“ од 10 поени и 17 скока. Кај Феникс, шест играчи имаа двоцифрен ефект – Шепард и Бертранд запишаа по 12 поени, додека Тимоти, Марфи и Димитриев постигнаа по 11 поени.

Кожув со овој останува во трката за втората позиција, каде што ТФТ во моментов има само една победа повеќе.