Либијци скокнале лекција од фудбалските правила, па го нападнаа судијата за - чист офсајд (ВИДЕО)
Помошниот судија се најде на удар на жестоки критики од либиската клупа откако досуди офсајд при една опасна контра, но телевизиските снимки потврдија дека неговата одлука е апсолутно исправна и донесена според прописите на фудбалската игра кои поретко се применуваат во пракса. Драмата на теренот се случи во самите завршни мигови од средбата. Домашната селекција на Тунис изведуваше удар од аголот, а во обид да се постигне погодок, во противничкиот шеснаесетник се пресели и нивниот голман.
Офанзивната акција не заврши успешно за домаќините, по што фудбалерите на Либија експресно тргнаа во ветувачки контранапад. Во моментот кога гостинскиот тим имаше отворен простор, помошниот арбитар го подигна знаменцето и сигнализираше недозволена позиција, предизвикувајќи ерупција од незадоволство кај гостинскиот стручен штаб.
Причината за оваа бизарна, но чиста одлука лежи во самата дефиниција на правилото за недозволена позиција. Според фудбалските закони, правилото за офсајд не го дефинира голманот како задолжително последен играч во одбраната. За еден напаѓач да избегне офсајд позиција, тој мора да има најмалку двајца противнички фудбалери помеѓу себе и гол-линијата во моментот на додавањето.
Бидејќи голманот на Тунис сè уште се наоѓаше во противничкиот казнен простор, на сопствената половина остана само еден домашен фудбалер како последен играч во одбраната. Со оглед на тоа што либискиот напаѓач се наоѓаше зад него при упатувањето на топката, судијата без двоумење досуди офсајд.