Георгина наседна: Објави лажна изјава од Фергусон, па ја избриша (ФОТО)

Сопругата на Кристијано Роналдо, Георгина Родригез, се вмеша во големиот конфликт меѓу португалската ѕвезда и тренерот Жорже Жезус.

На Инстаграм таа објави порака насочена против португалскиот стручњак, но набрзо потоа ја избриша.

„Не знам како овој човек може да го носи името на Исус“, напиша Георгина, алудирајќи на презимето Жезус. Со пораката таа сподели и графика на која стоеше наводен цитат од легендарниот тренер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон.

„Ако Жорже Жезус длабоко во себе знаел дека нема намера да го користи, тогаш зошто воопшто го повика? За да докаже нешто? Тоа не е авторитет, туку несигурност“, стоеше во објавата.

Сепак, португалските медиуми утврдија дека Фергусон никогаш ја нема дадено таа изјава. Не постои веродостоен извор што би потврдил дека шкотскиот тренер ги изговорил тие зборови, а цитатот не го објавил ниту еден релевантен британски или португалски медиум. Ваквата објава на профилот на Георгина остана само неколку минути по што беше избришана.