Арсенал избра - Артета ќе го менува Венгер!

Се чини дека потрагата за наследникот на Арсен Венгер се доближува до својот крај. Изборот наводно паднал на Микел Артета, кој и по самото заминување на Венгер многу медиуми го истакнуваа како главен кандидат за негов наследник.

Со недели веќе владее неизвесноста околу изборот на новиот тренер бидејќи различни струи имаа различни кандидати. Шефот на фудбалските операции, Раул Сањиехи, кој дојде од Барселона за да преземе дел од ингиренциите на Венгер околу трансфер политиката, инсистираше на својот пријател Луис Енрике, но тој бараше премногу пари и преголем буџет за засилувањата.

Шефот на скаутинг службата Свен Мислинтат, кој дојде од Борусија Дортмунд за да исто така преземе дел од обврските на Венгер, ги предалгаше Томас Тухел, Јулијан Нагелсман и Жељко Бувач. Првиот замина во ПСЖ, Хофенхајм не сакаше да го пушти вториот, а третиот беше преголем ризик за управата на Арсенал.

Главната желба на генералниот директор Иван Газидис, кој им е надреден на Сањиехи и Мислинтат, беше Макс Алегри. Но, Италијанецот се договори со Јувентус да продолжи да работи во Торино. И така остана единствената реална опција, Микел Артета. Газидис од почетокот беше загреан за Артета од неколку причини.

Го познава клубот, беше капитен, нема премногу да ја менува филозофијата на Венгер и да го шокира тимот, а две години му беше десна рака на Пеп Гвардиола во Сити. Плус е лидер и тоа го покажа како играч, тактички интелигентен, амбициозен и она што е доста значајно - евтин! Артета нема да има огромен договор и прифати да располага со буџето за засилувања од 50 до 70 милиони евра. 

Еден од ретките услови кој Артета ги постави беше да се расчисти стручниот штаб и во целост да се сменат вработените кои со години работеа со Венгер. Газидис му дал гарнции за тоа и се очекува во наредните десетина дена да биде промовиран наследникот на Венгер.