Вардар поразен на контролката против Олимпија Љубљана

Екипата на Вардар загуби во денешниот контролниот натпревар против Олимпија Љубљана (0-2), кој се одигра во Раденци (Словенија-.

По победата над Будуќност, Вардар денеска ја имаше втората пријателска средба во подготвителниот период, противник на македонскиот тим беше словенечкиот шампион. Нашиот Димитар Митровски кој неодамна потпиша за Олимпија Љубљана, не беше дел од овој меч, тој од утре ќе му се приклучи на словенечкиот тим.

Што се однесува до натпреварот, Словенците беа подобар противник иако Вардар беше сосема рамноправен во голем дел од натпреварот. Македонскиот тим имаше неколку шанси за гол кои не ги искористи. Првото полувреме мина без голови, двете екипи имаа по неколку можности, но мрежите не беа затресени.

Во вториот дел Олимпија беше подобар противник, го отвори резултатот во 65. минута со гол на Диего Пинто, а конечните 2-0 ги постави во 79. минута ги постави Алекс Стам. Гоце Седлоски во вториот дел направи повеќе замени, шанса добија речиси сите фудбалери, а тоа влијаеше и на падот на нивото на игра.

Следниот пријателски натпревар на Вардар е на 24. јуни против Марибор. Вардар ги продолжува подготовките во Раденци каде ќе остане до 3. јули кога ќе се врати во Скопје пред дуелот од Конференциската лига против Фиорита од Сан Марино кој се игра на 10. јули.