Првиот човек на Шкендија призна: Преговараме со Хасани да се врати под Шара!

Македонскиот репрезентативец Ферхан Хасани ќе се врати во тетовска Шкендија, својот матичен клуб летово за да ги засили црвено-црните за новата европска авантура во квалификациите за Лигата на шампионите, откако првиот човек на тетовци, Висар Беџети најави такво нешто.

Шкендија од пред неколку кола ја освои шампионската титула, па вчера во тетови го прослави третиот шампионски пехар во својата историја. За „Зона Гол“ на албански „Суперспорт“, Беџети призна дека во моментов Шкендија преговара со Хасани.

„Не можам да демантирам такво нешто“, рекол Беџети на прашање дали во моментов се преговара со Хасани, па продолжи: Повеќе од тоа не можам да кажам. Хасани е во нашите планови, но тоа е сè што можам сега да кажам“.

Хасани си замина од Шкендија на стартот на оваа сезона и фудбалерот за врска замина во саудиски Ал Раед, но по една година и преку еден милион долари за договорот, репрезентативецот сега е на пат повторно да се врати под Шара. Неговото доаѓање би било големо засилување за тимот, а плус и зимската аквизиција Зени Хусмани ќе добие право за настап, па тренерот Ќатип Османи ќе има „главоболки“ за на сите играчи да им најде место во тимот.

Шкендија втора година по ред ќе ја претсѕавува Македонија во квалификациите за Лигата на шампионите, а во првата рунда тетовци веќе извесно е дека ќе имаат статус на носители, што значи полесен противник на хартија. Ако бидат елиминирани, Шкендија настапот ќе го продолжи во шампионската група во Лига Европа, каде три години по ред стигнуваше до плејоф- фазата.