Попладнево на македонските фудбалски терени во рамки од 11. коло се одиграа две средби во кои на крајот и во двете немаше победник.

Македонија Ѓорче Петров на свој терен одигра 1-1 против Башкими во натпревар во кој не видовме премногу прилики, но и двете екипи имаа свои шанси.

Башкими прв дојде до водство со погодокот на Аворнио на стартот од вториот дел, додека домаќините бодот го освоија благодарение на лошата реакција на голманот Стојкоски кој до тој момент забеележа неколку добри интервенции. Пецов од редовите на „лавовите“ се обиде веројатно да нафрли во 77-та минута, меѓутоа топка на крајот по лошата реакција на Стојкоски заврши во мрежата.

Во вториот натпревар Арсими одново не дозволи да биде поразен откако имаше негатива. Во минатото коло успеаа да направат голем пресврт против Тиквеш славејќи победа од 4-3, додека денеска ремизираа 2-2 откако губеа со 0-2.

Работнички во завршницата од првиот дел со голот на Демир Имери и еден автогол на домаќините дојде до водство од 2-0, Арсими намали на 2-1 во 69. минута, а за бод се погрижи Албан Таипи во 84. минута од средбата.