Фудбал на македонски начин: Куманово и Шкендија ја продолжија војната - со коментари на Фејсбук (ФОТО)

Помина речиси една недела од третолигашкиот натпревар помеѓу Шкендија и Куманово (3-0), по кој гостите излегоа со неколку соопштенија и видео снимки за насилството со кое биле соочени против тимот од Арачиново, но хаосот поврзам со овој дуел и понатамупродолжува.

Тоа што досега беше борба за сопствените права и обид за заштита на фудбалскиот интегритет и здравјето на тие што настапуваат на теренот, премина во хумористична серија поради начинот на кој клубовите ја продолжија битката. Наместо недоразбирањата да ги решат со меѓусебна комуникација со помош на луѓето од ФФМ, со цел вакви немили сцени во иднина да не се гледаат на фудбалските стадиони, Шкендија и Арачиново војната ја преслеија на – Фејсбук. На објавата на едно од соопштенијата на Куманово, со своја реакција излезе и управата на арачиновци, кои со коментар се обидоа да го минимизираат проблемот. На тоа повторно се надоврзаа кумановци, па одново коментираа луѓето од Шкендија, што на тие од страна сето заедно личеше на – фудбалска бурлеска.

За ова можеби не се ни виновни луѓето од двете третолигашки екипи, со оглед што и по една недела не видовме ама баш никаква конкретна реакција од Куќата на фудбалот, од каде што веднаш мораше да има некаква санкција за домаќинот од Арачиново, барем според виденото на снимките, или, пак, казна за Куманово за беспотребна реакција во јавноста. Но, луѓето од ФФМ се решија за најсигурниот потег – да молчат и да останат „ветерот“ да го однесе проблемот, а клубовите само да си ги „извадат очите“, макар и преку Фејсбук.

ФОТО: Фејсбук профил на Шкендија Арачиново