Бербатов: Мој идол беше Дарко Панчев – го обожував!

Бугарската легенда Димитар Бербатов, поранешната ѕвезда на Манчестер јунајтед, откри дека негов идол кој обожувал да го гледа и му се воодушевувал е најдобриот македонски фудбалер на 20-от век, Дарко Панчев.

Бербатов кој за Јунајтед даде 48 гола на 108 меча во периодот од 2008 до 2012 година откри малку познат факт за кој скоро никогаш и да не зборувал, дека како млад се воодушевувал на Панчев и начинот на кој популарната „кобра“ ги решеташе мрежите.

„Ако треба да се вратам во минатото, еден од моите омилени фудбалери за кои не сум зборувал многу, е – Дарко Панчев. Тој човек... Даваше голови на сите начини. Го обожував, го обожував начинот на кој тоа го прави да ги решета мрежите. Ц. Звезда во тоа време имаше неверојатен тим, но тој... Можеби и поради името, го сакав неговото име како одекнува: Дарко Панчев! Тој ми беше најомилен“, рече Бербатов.

Легендарниот бугарски фудбалер кој имаше неуспешен обид да стане претседател на бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) е роден во Благоевград, а преку Пирин дојде во ЦСКА Софија, од каде потоа играше за Баер Леверкузен (2001-2006), па Тотнем (2006-2008), а после четири години во Манчестер јунајтед, играше и за Фулам (2012-2014), Монако (2014-15), ПАОК (2015-16) и Керала Бластерс (2017-18). За Бугарија даде 48 гола на 78 меча и беше предводник на последната генерација на источниот сосед која играше на големо натпреварување, за повеќе од деценија Бугарија воопшто да не е конкурентна за настап на Европско или Светско првенство.