Арсими го освои првиот бод во елитата, Струга убедлива против Македонија ЃП

Екипите на Башкими и Арсими одиграа без победник (1-1) во меѓусебниот дуел од воведното коло на Првата македонска фудбалска лига откако минатата сезона обезбедија пласман во елитата.

Башкими во минатото има играно во оваа конкуренција, но Арсими денеска дебитираше и го освои својот прв бод во Првата лига. Тимот од Чегране поведе со 1-0 во 31. минута преку Армин Бесагиќ кој прецизно изведе слободен удар од врвот на шеснаесетникот. На слободниот удар му претходеше судиска одлука за пенал за Арсими, но реагираа од ВАР собата со сугестија дека фаулот бил направен надвор од 16-те метри.

 

Башкими израмни во 62. минута преку новодојдениот Марко Симоновски. Домаќините до крајот имаа шанса да дојдат и до комплетен пресврт, но не успеаја да дојдат до втор гол.

Поранешниот шампион Струга со победа ја почна новата сезона откако на домашен терен ја совлада Македонија ЃП со 2-0. Голот за водство го постигна Маудо во третата минута од судиското продолжение во првото полувреме, а точка на мечот стави Компаоре во 75. минута.