Унгарците пресилни: Подмладената Македонија убедливо поразена во Солнок (ФОТО)

Кошаркарската репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз на гостувањето во Солнок, во својот втор  натпревар од претквалификациите за Светското првенство.

Домаќините славеа со 96-58, а по овој резултат станува јасно дека Македонија нема да успее да освои едно од првите две места на табелата во групата кои носат во главните квалификации. Со оглед на тоа што оваа селекција е драстично подмладена, веројатно малкумина очекуваа да се случи тоа.

Македонија вечерва беше конкурентна само во првата четвртина, а два момента беа клучни за убедливиот пораз: лошиот влез во вториот и последниот квартал. Откако првите 10 минути завршија со минимална предност на домаќинот (19-18), во првите минути од продолжение Унгарија направи серија од 16-0 и поведе со 35-18. Нашата селекција потоа беше рамноправна до крајот на третата четвртина, но во последниот период следуваше нов тежок удар.

Унгарците отворија со 21-2 и водеа и со 41 поен разлика (94-53) на нешто повеќе од две минути пред крајот. Тешко беше и да се замисли дека во финишот македонската репрезентација може да се избори за пристоен пораз.

Најефикасен кај Македонија беше Џејкоб Вајли со 15 поени, Магдевски додаде 11, а Симиќ 10. Противникот доминираше во скокот (43/29), а погоди и 15 тројки, најчесто од чисти позиции.

 

По денешниот натпревар, македонската репрезентација не се враќа дома, туку ќе продолжи кон Орадеа каде в среда ѝ гостува со Романија.