Партизан како препороден - гази сѐ пред себе

Српскиот и АБА шампион Партизан ја оствари третата победа по ред во Евролигата и петта вкупно, сметајќи ги сите натпреварувања откако вечерва славеше на гостувањето кај Париз со 90-81.

„Црно-белите“ одамна ги загубија шансите за пласман во разигрувањето за титулата, но во моментов играат најдобра кошарка откако ги поминаа сите турбуленции и го стабилизираа составот. Вечерва победата ја обезбедија благодарение на добрата игра во втората и третата четвртина кои ги добија со вкупни 49-37.

Блескаше Ник Калатес кој се покажа како вистински лидер на Партизан и оствари дабл дабл со 12 поени и 10 скока иако поефикасни од него беа Браун со 17 и Џекири со 15 поени. И Париз нема шанси за пласман во плејинот, но за разлика од Партизан, се наоѓа во лоша форма и загуби три од последнит четири натпревари.

На другите денешни натпревари, Баерн загуби од Дубаи со 74-87, а Ненад Димитријевиќ го заврши натпреварот со седум поени, четири скока и една асистенција.

РЕЗУЛТАТИ
Валенсија - Барселона 62-66
Анадолу Ефес - Монако 93-98
Хапоел - Виртус 109-91
Олимпијакос - Басконија 90-80
Баерн - Дубаи 74-87
Париз - Партизан 81-90