Тешка ноќ за Несторовски: Навивачи ги гаѓале со бакљи, им го запалиле автобусот! (ВИДЕО)

Денеска во Хрватска се одлучува кој ќе биде шампион, Риека е во пол позиција, им е потреба победа над Славен Белупо за да го кренат големиот трофеј, но домашните навивачи ја поминаа границата за да ги заплашат гостите.

Илија Несторовски и неговите соиграчи од Славен Белупо ден порано пристигнаа во Риека, се сместиле во хотелот, но тогаш се случувала вистинска драма. 

Навивачката група „Армада“ го демолирала автобусот на гостите, а Славен Белупо преку соопштение ја објасни целата ситуација.

„Огнена ноќ е зад нас. Неколку стотини навивачи на Армада ноќеска ни приредија пиротехничко шоу пред хотелот. Ја разбираме навивачката еуфорија, ривалството, провокациите, па и ваквите ноќни посети, но не и уништувањето на имотот. Не разбираме што им згреши клупскиот автобус – скршено е стакло, фрлани се бакљи и сообраќајни знаци врз него“, порачаа од клубот од Копривница и додадоа:

„Не го разбираме ни фрлањето бакљи на прозорците/балконите на играчите. Таквите работи, напротив, најостро ги осудуваме и веруваме дека нема да се повторат. Силата се докажува на теренот – нека биде така и денес“.

Трката за шампионската титула во Хрватска е исклучително интересна, пред денешните последни битки Риека има 62 бода, исто колку и Динамо Загреб, а Хајдук има два бода помалку од нив. Сите три екипи се во игра.