Ристовски: По шест-седум часа минувам со терапии и рехабилитации – ќе се вратам посилен!

Капитенот на младата македонска репрезентација Милан Ристовски, братот на сениорскиот репрезентативец Стефан имаше голем пех да го скрши скочниот зглоб пред два месеци, по што ја пропушти завршницата од евроквалификациите со надежната селекција, на која за три бода ѝ избега нов настап на Европското првенство за фудбалери до 21 година.

Ристовски сезонава се врати во Риека, после одличните настапи во словачка Нирта, фати ритам и со хрватскиот клуб, а и со младата селекција, по што му се случи тешката повреда. Сега, во ек на рехабилитацијата, забрзано работи, па дури и „виси“ на терапии и рехабилитации само за да успее да се врати за зимските подготовки и да почне од почеток да се докажува во својот клуб.

„Терапии и рехабилитација работам двапати дневно, доста време минувам во клубот за да се вратам. Тоа знае да трае и по пет часа, а кога одам двапати, се случува да поминам и шест, и седум часа, но не ми е тешко. Кога ќе се случи тешка повреда, најважно е да останеш позитивен, главата е најважна. Треба да издржиш и да одиш напред. Јас секој ден се чувствувам сѐ подобро, во главата сум добар, ногата после два месеци е на добар пат“, вели Ристовски за хрватски „Нови лист“.

Центарфорот најавува дека ќе излезе посилен од овој тежок период во кој поради повредата не може да игра.

„Се случи повредата во лош момент, кога гледав голема перспектива. Жал ми е зашто ја пронајдов формата, добро се чувствував, во разговори со стручниот штаб и со тренерите добивав потврда дека напредував, дека созреав. Сѐ изгледаше дека е добар момент да се истакнам, ама...Сега се трудам помалку да размислувам, да гледам напред, а бев на добар пат, капитен на младата репрезентација, на пат кон сениорите. Тепко е тоа во глава да го сложиш, да поминеш преку тоа, ама морам да го сторам тоа. Позитивен човек сум, гледам позитивно и мислам дека ќе излезам посилен“, додава Ристовски.