ФФМ и сѐ е можно: Само нашата Прва лига нема спонзор и е - претпоследна во регионот (ФОТО)

Дека македонскиот клупски фудбал од година во година паѓа сѐ подолу, особено во периодот на сегашното раководство во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е познат факт за секој што и најмалку го следи овој спорт кај нас, а денеска доби потврди и преку споредбата на Првите лиги во државите кои во минатото функционираа заедно во СФР Југославија.

Најсимптоматично е фактот што само нашата елита нема генерален спонзор, чии пари и тоа како би им помогнале на клубовите да го кренат својот квалитет, а со тоа да пробаат да направат некој поголем исчекор на меѓународна сцена. Додека во регионот обложувачниците се влезени како главни финансиери во елитната конкуренција во Србија, Хрватска, БиХ и Црна Гора, кај ниту една од нив не е анимирана од луѓето од Куќата на фудбалот за да вложи некакви средства во нашите клубови. Во Словенија, пак, главен спонзор на Првата лига е телекомуникациска компанија, какви што има кај нас, но кои исто така не се убедени од луѓето од ФФМ на исплатливоста да бидат спонзори на елитната конкуренција во Македонија.

Според вкупната вредност на фудбалерите кои настапуваат во прволигашките екипи, македонскиот фудбал е на претпоследното место во поранешниот ју-простор со вкупни 45 милиони евра. Зад нас се само Црногорците, каде што фудбалерите што настапуваат вредат 25 милиони евра, со напомена дека таму настапуваат две екипи помалку во елитата. Далеку пред сите се Србите и Хрватите, додека зад нив се Словенците и Босанците.

Нашата Прва лига е на дното и по цената на највредниот фудбалер што настапува во неа, а тоа е Ијаји Атиемвен, кој е проценет на само 600.000 евра, додека за споредба, најскапиот фудбалер во хрватското првенство е „само“ 30 пати поскап.