Елмас останува во Фенер: Коџаман му ветил поголема минутажа идната сезона?!

Македонскиот фудбалски бисер Елиф Елмас ќе остане во истанбулскиот гигант Фенербахче и покрај желбата да замине каде што ќе добие поголема минутажа, затоа што турскиот клуб нема намера да го продаде, но и поради ветувањето што го добил македонскиот репрезентативец од тренерот Ајкут Коџаман.

Елмас летоска дојде во Фенербахче за бомбастичен трансфер, откако беше објавено дека истанбулскиот клуб победил во трката за потписот на младиот фудбалер во која заинтересирани уште 15-на други клубови. И откако пола сезона мораше да тренира со младинците затоа што не доби лиценца (стана полнолетен откако заврши преодниот рок), Елмас едвај дочека да дебитира за Фенер, но доби премалку шанси досега.

Во периодот која беше објавено дека Манчестер сити и менаџерот Пеп Гвардиола го имаат Елмас на врвот на приоритети за ангажман на „Итихад“, затоа што шпанскиот стратег гледа голема иднина на Елмас во новиот англиски првак, наводно Елмас побарал трансфер поради малата минутажа.

Но, сега турскиот „Си-Ен-Ен“ потенцира дека Елмас нема шанса да замине од Фенербахче.

„Елиф Елмас нема да си оди, затоа што не доби дозвола за трансфер од тренерот Ајкут Коџаман. Коџаман на Елмас му ветил дека ќе има многу поголема улога и минутажа во идната сезона“, објави турски „Си-Ен-Ен“.

Останува да се види дали ако дојде богата понуда за Елмас од Манчесер сити, Фенербахче истата ќе ја одбие. Македонскиот бисер има договор во Истанбул до 2022 година, а од септември наваму играше за сите можни македонски селекции, од А-тимот, преку младинската селекција до 21 година, па се до таа до 19 години со која стигна до елитната фаза на квалификации и до победа над актуелниот европски и светски младински првак Англија.