Болни денови за Партизан: Црно-белите загубија пет легенди за четири дена (ФОТО)

Белградски Партизан ги минува најболните денови во своето постоење, зашто не се памети кога за толку кратко време, на својот официјален сајт последните пет информации им се за починати легенди на клубот.

Откако дојде април, Партизан нема по добро да го памети почетокот на овој месец, во кој го загубија легендарниот Радомир Антиќ, еден од најдобрите тренери што излегле од Партизан, потоа најлегендарниот навивач Миша Тумбас, како и уште тројца кои практично дел или целиот свој живот го поминале поврзани со црно-белата боја.

На 2 април Партизан остана без својот поранешен ас Рајко Борозан, кој во кариерата играше и за најлутиот ривал Црвена Звезда. Ден подоцна, партизановото семејство го напушти и еден од големите пријатели на клубот, Бранко Ружиќ, кој беше менаџер и тесно поврзан со овој клуб, од каде многу често продаваше фудбалери низ светот.

Веќе на 4 април, Партизан остана без легендарниот Миша Тумбас, навивачка икона на клубот, човек кој целиот живот му посвети на својот омилен клуб, а вчера прво Партизан остана без долгогодишниот претседател на тениската секција, Душан Гаиќ, а синоќа и без Антиќ, човек кој во кариерата беше тренер на трите најголеми клубови во Шпанија, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, а беше и селектор на Србија, која ја водеше на СП 2010 во Јужна Африка.