Адеми летово си оди од Динамо, ама само ако добие добра понуда од – лига петка!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на загрепски Динамо летово можно е да си замине од хрватскиот првак после историската евросезона, најавуваат хрватските медиуми, но само под еден услов – понуда од силен клуб во некоја од најсилните лиги.

Адеми е член на Динамо од 2010 година и досега имаше неколку понуди да си замине, од која саудиската на ал Наср од три милиони евра годишно беше најпримамлива, ама бескомпромисниот борец во последен момент ја одби. Сега откако стана икона на Динамо, откако беше незаменлив во историската евросезона со пласманот во четвртфинале во Лига Европа, чекор понапред од осминафиналето две години претходно, Адеми е во години кога посакува да се испроба во „лига петка“.

„Адеми остана во Динамо и не заборави што клубот застана зад него две години кога беше суспендиран поради допинг, па се чувствуваше должен да му се оддолжи на клубот, а посебно да одработи уште една сезона, кога ја одби понудата од Саудиска Арабија, за да му помогне на тимот во Европа. Сега, кога Динамо ги направи исчекорот, Адеми размислува да се проба во некоја од најсилните лиги. Но, секако дека нема да 'скокне' на прва понуда, туку само ако дојде таква од најсилните европски лиги, н.н. лига петка“, пишуваат хрватските медиуми.

Пред неколку години француски Лил беше силно заинтересиран, клубот кој годинава може да стане шампион на Франција, но тогаш раководството на Динамо одбиваше шест милиони евра за трансфер, ценејќи дека Адеми е најмалку двојно поскап и повреден играч.