Синер уште не е во топ форма - првпат по 2023 година поразен без освоен сет

Јаник Синер се уште има убедлива предност на чело на АТП листата и по се изгледа ќе остане таму уште долго време, но минатата недела го означи своето враќање на тениските терени по тримесечната суспензија поради допинг.

Титула не успеа да освои бидејќи во финалето загуби од Карлос Алкараз со 0-2 (6-7, 1-6) и со тоа стави крај на неколку серии. Пред се, тоа беше негов прв пораз во 2025 година, прв пораз по 25 победи по ред и прв пораз без освоен сет по точно 18 месеци.

Последниот пораз со 0-2, Синер го доживеа во финалето од завршниот Мастерс, во ноември 2023 година во Торино, од Новак Ѓоковиќ кога загуби со 3-6, 3-6. Од тој ден одигра вкупно 94 натпревари, загуби само шест, но ниеден од нив, до вчера, без освоен сет. Интересно е тоа што во овој период од 18 месеци, Синер дури четири пати беше поразен од Алкараз.