Само спортот е лек за регионов: Претседателката на Хрватска му честита на Ѓоковиќ (ФОТО)

Огнени стрели на политичката сцена секојдневно има на релација Србија и Хрватска, обвинувајќи се за сè и сешто, но додека политичатите постојано се препукуваат за милион (не)битни работи, спортистите од двете земји меѓусебно се поддржуваат на патот кон историските успеси.

И откако српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ и хрватските фудбалски ѕвезди Иван Ракитиќ и Лука Модриќ си разменија честитки и пофалби, објавувајќи дека едни за други навиваат во овој исклучително важен викенд за спортот во регионот, на честитките кон „ривалските спортисти“, почнаа да се придружуваат и политичарите.

Така, по големата и епска победа во пет сета со невиден тенис на Вимблдон на Ѓоковиќ против Рафаел Надал, честитка кон српскиот тенисер упати претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.

„Браво Ноле! Среќно во финале“, напиша Китаровиќ на фејсбук-профилот.

Денеска Ѓоковиќ против Кевин Андерсон ќе се бори за титулата на најпрестижниот гренслем-турнир, а Хрватска во Москва ќе се бори против Франција за фудбалската светска титула. Повеќе од јасно е дека само спортот е лек за регионов, за да си смири сите страсти и жешки глави од дневното политикантство.