На Ѓоковиќ му се отвори патот до 100. трофеј - испадна и првиот носител

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ има огромна шанса да дојде до првиот АТП трофеј по пауза од 16 месеци и вкупно 100. во кариерата.

Откако Алкараз доживеа рана елиминација, уште во второто коло од Мастерсот во Мајами, својот пат синоќа го заврши и првиот носител на турнирот Александер Зверев кој продолжи со серијата очајни резултати по финалето на Австралија Опен. Германецот загуби од 17. носител Артур Фил од Франција со 1-2 (6-3, 3-6, 4-6), по точно два часа игра. Зверев со ова пропушти уште една голема шанса да се доближи до Јаник Синер кој поради суспензија не настапи на овој турнир и загуби 1.000 бода. Разликата меѓу нив остана висока, сега изнесува 2.400 бода, а до враќањето на терените, италијанскиот тенисер брани уште само 600 од кои 400 во Монте Карло и 200 во Мадрид.

Ѓоковиќ во четвртфиналето го очекува дуел против Себастијан Корда, мечот требаше да се игра синоќа, но програмата се оддолжи и тој е одложен за денеска од 21:30 часот по средноевропско време. Во случај на победа, Србинот ќе се сретне со Григор Димитров кој беше подобар од Серундоло, додека најголема закана за него останува Тејлор Фриц кој е трет носител.