Ѓоковиќ: Неуспехот во Токио уште повеќе ме мотивира за ЛОИ во Париз во 2024!

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ кој доживеа фијаско во Токио и не успеа да освои медал на Летните Олимписки Игри, објави дека тој неуспех е голема мотивација за него веќе на следните ЛОИ за три години во Париз, во 2024 година, да настапи четврти пат и да ги поправи работите.

Ѓоковиќ стана првиот тенисер со три полуфиналиња по ред на олимпискиот тениски турнир, но повторно извиси за златото и тоа во момент кога сите го гледаа како победник, после поразот со пресврт од подоцнежниот победник Александар Зверев од Германија, а потоа го загуби и мечот за бронза од Пабло Карењо Буста од Шпанија.

„Голема чест беше да ја претставувам Србија во Токио и жал ми е што ова посебно искуство заврши без медал, ама тоа ме прави уште помотивиран да продолжам да работам и да се вратам уште посилен во Париз“, објави Ѓоковиќ.