Државен рекордер во пливање изоставен од листата за стипендирање

Во македонското пливање никако да стивнат превирањата, па постојано има незадоволни натпреварувачи, препукувања и обвинувања. 

Последниот скандал е случајот на младиот пливач на ПК Вардар 2018, Никола Ѓуретановиќ, кој од непознати причини е изоставен од списокот за спортисти за добивање на спортска стипендија од Агенцијата за млади и спорт. Имињата на потенцијалните добитници на финанска помош од државата ја составува матичната федерација, во овој случај Пливачката федерација на Северна Македонија предводена од Александар Маленко.

Ѓуретановиќ е еден од најголемите македонски таленти, кој со само 13 години зад себе има огромни успеси и четири државни рекорди. На последното државно првенство бил прогласен за најдобар пливач во категоријата на постари пионери и во категоријата кадети. На истото првенство го соборил и државниот рекорд на 800 метри слободен стил. 

На пливачкиот митинг организиран клубот „Орион“ пред три месеци, Ѓуретановиќ постави и нов државен рекорд и на 200 метри мешано.

Кога еден ваков млад талент со големи резултати во своето резиме оваа година не е кандидат за државна стипендија, тогаш треба да се постави прашањето, кои пливачи всушност ќе добијат државна парична помош?