Токио пак ги постави олимписките кругови, ама секој четврти жител ги сака ЛОИ

Олимписките кругови во Токио повторно се вратија во градот, а организаторите се надеваат дека ова враќање ќе го врати и ентузијазмот за одложените Летни Олимписки игри кои наместо летоска ќе се одржат на лето догодина поради пандемијата со коронавирус.

Откако се одложија игрите, олимписките кругови тешки 69 тони сместени во заливот Одаиба на почетокот на оваа година, беа повлечени во август поради одржување и инспекција, а сега повторно се најдоа на истото место.

„Со поставување на овие олимписки кругови би сакале уште повеќе луѓе да го чувствуваат доаѓањето на настанот и да се радуваат на тоа“, вели Атсуши Јанашимицу, градски службеник во Токио.

Но, иако полека градот сака да ја врати олимписката еуфорија, жителите на Токио не се баш најсреќни, па најновото истражување покажало дека секој четврти жител ги сака Игрите догодина, додека три четвртини се противат и не ги сакаат игрите или веруваат дека тие повторно би можело да бидат одложени.

И спонзорите исто така се загрижени, зашто нема детални информации кога би можела да започне имунизацијата на населението со новата вакцина која се најавува дека наскоро ќе почне да се употребува. Од друга страна ИОК и организаторите веќе најавија дека Игрите по секоја цена ќе се одржат, без оглед на тоа уште колку ќе трае кризата со коронавирус.

ЛОИ се закажани од 23 јули до 8 август догодина.