Одбојкарите подготвени за стартот на Златната лига – Финска е прва на менито!

Македонската машка одбојкарска репрезентација е максимално подготвена за настапот во Европската Златна лига, која за нашата селекција ќе започне од 6 до 9 јуни на турнирот во Братислава.

Првиот натпревар „црвено-жолтите“ ќе го одиграат во сабота против Финска (15 часот), а два дена подоцна во истиот термин ќе се сретнат со домаќинот Словачка. По кратка пауза од два дена, репрезентативците се вратија на тренинг од понеделник, повторно во Струмица, каде продолжуваат со завршната фаза од подготовките. Акцентот сега е ставен на анализа на противниците и техничко-тактички елементи. Селекторот Јошко Миленкоски вели дека најважно во моментов е што сите 15 играчи се здрави и подготвени:

„По интензивни две недели работа, играчите добија краток одмор за викендот. Сега повторно сме во полн тренажен процес и веќе работиме на видео анализи и подготовка за првите натпревари. Се фокусираме на Финска, бидејќи со нив го отвораме турнирот. Иако немавме многу пријателски натпревари, собравме доволно информации за противниците“, истакна Миленкоски.

Тој додава дека атмосферата во тимот е позитивна и се надева дека подготовките ќе продолжат без проблеми и до крајот на предизвикот наречен Европска Златна лига.