Очекувањата - мајката ни ја расплакаа!

Со клетви и лелеци незабележани од „Сердарот“ наваму, ја прежаливме македонската ракометна репрезентација, ко да ѝ беше последен натпреварот со Аргентина. Ја отпеа лебедовата песна во Краков и сега човек да си стави прст на чело, дали заврши првенствово или денеска ќе докажуваме дека има живот и по смртта.

Карикирам, се разбира. Или можеби не. Што е стварност? 

ВЛАДКО АРСОВ

Ракометнава анемија ни создаде шизофренија. Менталната виталност на македонскиот навивач е на интензивна нега по толку емотивни потреси и сотрени очекувања. „Очекувањата се корен на сите страдања“, изрека која планетарно е потпишана со Вилијам Шекспир, а тој кутриот не рекол така во ниедно свое дело. И во македонската привремена колонија во Краков, минатава недела, бајаги работи не беа јасни дали биле речени, како биле, зошто биле... А само тоа држи вода – очекувањата се мајка на целата наша болка. Мајката ни ја расплакаа.

Сè ќе беше поинаку да не се однесувавме како да ни е родено право да имаме некаков ракометен успех. Зошто „побогу“? Дека освоивме петто место на Евопско пред 11 години? Па ајде тогаш да ни индуцираат една колективна амнезија, барем да можеме на раат да го милуваме овој убав спорт, зашто вака не оди.

Македонија е 23-то пласирана репрезентација на светот во последните две години, 22. во Европа во последниве 12 месеци и на ова СП не се однесуваше ни подобро, ни полошо од тоа. Имавме необјасниви падови во играта, репетитивни, наивни грешки во нападот, неодговорни дупки во одбраната, лоша комуникација на теренот... Комплетна клиничка слика за репрезентација, која прета околу просекот.

Затоа не ни требаше јавен автопортрет како идна Норвешка, ниту пак кревање на очекувањата дека одиме на две победи, а само што нè симнаа на -12. Кога веќе дојдовме очи в очи со Аргентина доцна беше за реанимација на реалноста. Дури и достоинството ќе го поштедевме, ако знаевме кого гледаме во огледало, без разлика што губевме и со 10+ гола. И јавноста и медиумите рикнаа повредени како да ни е првпат да нè полнат. А фактите велат дека по Србија 2012, Македонија одиграла 58 натпревари на првенства, од нив има 16 победи и 13 само двоцифрени порази! Победите ни се главно со егзотични селекции, или нископрофилни европски, а од последната, баш вчера навршија две години.

Тогаш човек да се праша: како истиве „деца“ зуеја по теренот како пчелки медовници кога ги елиминиравме Чешка и Романија пролетва? Да ни беа сега во Краков цврсто верувам дека ќе загубевме. Колку и да беше подмладена и тогаш, ова не е истата репрезентација без Кире, Жути и Столе. Фактот што ги нема не е само ракометен импакт, туку и психолошки и очигледно многу влијателен. Селекторот прецени колку можат. Или, пак, тие потценија колку не можат. Некој мора да воспостави комуникација, бидејќи сме виделе доволно курцшлуси меѓу играчи и селектори. Не ни треба авторитет со страв, ниту пак, поделени кланови, тајни завери или ракометари изоставени од список...

Да бевме Аргентина, ракометарот Кире Лазаров ќе беше наш ракометен Марадона, па и да се родат двајца Меси по него, пола народ повторно ќе го смета за најголем. Меѓутоа селекторот Лазаров е нова приказна, која мора да се плете со нови навики. Во спротивно нема да доживее многу поглавја. А тоа би било погубно. Не ни требаат нови експерименти, Лазаров треба да остане капетан на бродот, но и самиот да го следи курсот на еволуција кој ѝ е неопходен на репрезентацијата. И не треба дилема што да играме и како. Дали да градиме нов, модерен стил или да се врткаме во место. ИХФ правилата ги смени за да има побрза игра, а ние го мозгаме стилот. И нека не личи сега на ништо и нека покрвариме некое првенство. Важна е големата слика и долгорочната цел, а за тоа треба и работа и трпение, ама и нула еуфорија. Од неа патиме. Доста сееме очекувања и жнееме разочарувања.