Аеродром: Голманот сѐ уште ни е во болница, бараме МВР да ги санкционира тепачите!
Инцидентот се случи по завршувањето на натпреварот, а од редовите на скопскиот клуб денеска се огласија со соопштение во кое информираат дека чуварот на мрежата сѐ уште се наоѓа во болница и бараат санкција за виновниците.
„Во врска со немилиот настан кој се случи вчера (26.10.2025) на натпреварот од Третата лига – Север, помеѓу ФК Беса (Слупчане) и ФК Аеродром, сакаме јавно да ја информираме спортската јавност за следното:
По последниот судиски свиреж, нашите фудбалери беа физички нападнати од страна на дел од фудбалерите на противничкиот тим. Во инцидентот беа нападнати тројца наши играчи – голманот и уште двајца фудбалери, кои претрпеа телесни повреди и сите беа веднаш пренесени во болница во Скопје, каде што им беше укажана лекарска помош. По укажаната медицинска интервенција, двајца фудбалери се пуштени на домашно лекување, а голманот сè уште е хоспитализиран.
Натпреварот заврши со победа на нашиот тим (2:1), а непосредно по досудениот крај, следуваше неиспровоциран и брутален напад врз членовите на ФК Аеродром. ФК Аеродром најостро го осудува овој чин на насилство и апелира до Фудбалската федерација на Македонија, надлежните дисциплински органи и Министерството за внатрешни работи да преземат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.
Фудбалот мора да остане симбол на спортски дух, фер-плеј и почит, а не поле на агресија и опасност за здравјето на спортистите. Им се заблагодаруваме на сите клубови, спортски работници, навивачи и медиуми кои испратија пораки на поддршка и солидарност со нашите повредени играчи. ФК Аеродром ќе продолжи да се бори чесно на теренот и да го промовира спортот како место на фер натпреварување, со меѓусебна почит и спортски дух“, стои во соопштението.