Словенечки репрезентативен голман може да го засили Вардар

По репрезентативната пауза, постои можност екипата на Вардар да биде засилена на голманската позиција ако се остварат најавите пласирани во дел од ракометните инсајдери низ Европа.

Наводно, во комбинација за трансфер во „црвено-црните“ редови е 36-годишниот словенечки репрезентативен голман Клемен Ферлин кој во моментов е член на Кјелце, а зад себе има богата кариера. Четири години бранеше во Ерланген, две во Целје, четири во Горење и осум во Тримо Требње.

Минатата година Ферлин ја претставуваше Словенија на Олимпоиските игри, а за националниот тим вкупно 87 настапи и, интересно, четири гола.

Интерес за Ферлин покажа и германскиот шампион Фуксе, но Вардар има и алтернатива во швајцарскиот репрезентативец Никола Портнер.