Збогум Хрватска: Катар се пласираше во четвртфиналето

Данска ја декласираше Хрватска со 38-26 во последното коло од главната фаза на Светското првенство во Египет. Овој резултат најмногу го израдува Катар, кој се пласира во четвртфиналето, како второпласирана репрезентација во групата 2. 

На „коцкестите“ им беше потребна победа за прогрес, но комплетно потфрлија против актуелниот светски првак, кој играше без притисок, бидејќи беше сигурен на првото место во групата и веќе имаше обезбедено пласман понатаму.

На полувремето негативата на Хрватска беше само -2 или 17-15, но во вториот дел момците на Лино Червар одиграа катастрофално и беа прегазени од противникот. Јакобсен со осум голови беше најдобар кај скандинавците, додека во таборот на Хрватска најмногу се истакна Мариќ со шест голови.

Данска со 10 бодови е прва во групата 2, Катар оди понатаму со шест, колку што има и Аргентина, но „гаучосите“ денеска загубија во директниот дуел токму со азиската земја (26-25). Хрватска е четврта со пет бодови, а потоа следуваат Јапонија со три и Бахреин без ниту еден бод.