Скандинавците се од друга планета: Хрватска немоќна, четврта титула по ред за Данска

Репрезентацијата на Данска ја продолжи доминацијата во светскиот ракомет откако четврти пат во низа ја освои титулата на мундијалите.

Во финалето од годинашното првенство, скандинавците ја совладаа Хрватска со 32-26 за потврда на разликата во квалитет со остатокот на светот, барем кога станува збор за овие натпреварувања. Ќе остане запишано дека Данците на годинашниот шампионат не само што остварија максимални девет победи, туку најмалиот триумф изнесуваше шест разлика, против Чешка во главната фаза и против Хрватска вечерва.

Впечаток беше дека Хрватите добро се подготвени за денешниот меч, но дури и во такви услови беа немоќни да направат нешто повеќе. Данска цел натпревар беше во водство, со исклучок на 1-1 во почетните минути. До 20. минута „коцкестите“ беа блиску, имаа 7-8, а на неколку наврати и -2, но потоа почна доминацијата на данските ракометари. До крајот на првото полувреме ги достигнаа највисоките +4 (14-10) за вториот дел да го отворат со 10-2 и огромна предност од 24-14 по 42 минути игра. Остатокот од натпреварот беше само рутина за сега веќе четирикратниот светски шампион кој се израмни по бројот на титули со Шведска и Романија, а пред него е само Франција со шест. Хрватите успеаја да намалат добар дел од негативата, но не и да ја загрозат победата на противникот.

И покрај поразот, Хрватска го освои шестиот медал на светските првенства, но четврти пат се совладани во финалниот натпревар. По бројот на медали на овие натпреварувања, оваа селекција сега е на делба на четвртата позиција, зад Франција, Шведска и Данска, а Хрватска постои само 34 години.

Гидсел со 10 гола беше најефикасен играч на натпреварот, додека во хрватскиот тим Мартиновиќ постигна шест.