
Ракометарките на Данска први полуфиналистки во Париз
Натпреварот кој се играше во „Пјер Мороа“ во Лил донесе голема драма и резултатска неизвесност. Холандија долго време имаше предност во првиот дел, а го отвори натпреварот со серија 0-4, потоа имаа и водство од 3-7.
Данските ракометарки како да се разбудија во финишот од првиот дел, па со нешто подобра игра дојдоа до предност од еден гол разлика на паузата (11-10).
Вториот дел започна спротивно од првото полувреме, Данска поведе со 4:0. Тука Данска дојде и до најголемата предност од пет гола (15-10). Но, тоа не ја откажа Холандија која се созема и дојде до 16:14.
Од тој момент се влезе во серија голови и на двете страни се играше гол за гол, се додека во финишот Алтеа Рајнхарт не ја „спушти ролетната“ и со неколку одбрани овозможи на своите соиграчки да се „одлепат“ на разлика која Холандија повеќе немаше време да ја стигне.
Данската голманка го заврши натпреварот со 18 интервенции, додека Хансен и Фрис постигнаа по шест гола, Хушер и Ван Ветеринг на спротивната страна седум пати се запишаа во листата на стрелци.