Талески: Нема да се штедиме, одиме на победа и против Шпанија!

Поразот во пресметката со Хрватска не ја наруши атмосферата во таборот на македонската ракометна репрезентација, каде што речиси во еден глас сите велат дека нема шанси да се калкулира на утрешниот дуел со Шпанија (20.30 часот), за што многу се говори денеска во кулоарите на Мундијалот во Германија и Данска.

Левиот бек на жолто-црвените, Филип Талески, потенцира дека нема шанси да се штедиме на средбата со Шпанците, но и дека ќе мора во многу да работиме на исправање на бројните грешки во нападот во дуелот со „коцкестите“.

„Без разлика на неуспехот, сите во репрезентацијата сме согласни дека одигравме добар натпревар против Хрватска и дека поразот дојде само поради големиот број промашени зицери. Згора на тоа, противникот имаше ептен расположениот голман што дополнителни ни ја отежни задачата. Мора да поработиме на исправување на грешките и да пробаме да славиме во следните два дуели. А, тоа значи дека нема да се штедиме против Шпанија туку дека ќе ја нападнеме за да дојдеме до третиот триумф на Мундијалот“, изјави Талески.

Македонија во моментов е третопласирана на табелата во групата Б со четири бода, зад засега неприкосновените Хрватска и Шпанија.