Стоилов: Не ми е јасно, од петта брзина уфрливме во прва!

Поразот од Шпанија (21-32) ги боли македонските ракометари, без разлика што беше свесно дозволен, откако во 33. минута Раул Гонзалес ја повлече првата постава. Причина за тоа беа катастрофалните први три минути во вториот дел.

Грешевме, губевме топки, Шпанците постигнаа три гола за само 75 секунди, така што очигледно беше дека оттаму - нема назад. Стојанче Стоилов, кој дотогаш се мачеше со реализацијата (0-4), вели дека е необјасниво тоа што ѝ се случи на Македонија за само три минути.

„Не ми е јасно, не знам како може од петта брзина да уфрлиме во прва. Повторно истата приказна, промашивме многу шанси и тоа е, кога не реализираш ќе те казнат. Падна концентрацијата и потоа немаше смисла да продолжиме, утре нѐ очекува поважен натпревар“, рече Стоилов.

А за утре, што да очекуваме? Прашањето е дали ќе можат ракометарите психолошки да се ослободат од овој пораз и да се фокусираат на Исланд.

„Се надевам дека утре нема да биде како вечерва и како мечот со Хрватска. Се надевам дека ќе ги користиме шансите. Има енергија кај нас, има борбеност и само тие падови на концентрација ни се проблем. Мора да одржиме некое ниво“, доврши Столе.