Стоилов: Барем ќе биде интересно со Тимур и останатите!

Македонските ракометари пожртвувано се бореа во натпреварот со Исланд, кој ни ја одредуваше судбината за понатаму на СП во Германија и во Данска, но не успеаја да побегнат од пораз. Стојанче Стоилов вели, дека во моментов ова е Македонија и толку можеме.

Во првото полувреме, речиси, го диктиравме натпреварот, со повремено водство и од два позитива и со 13-11 на паузата. Во вториот дел десната бековска позиција на Кире Лазаров беше од подалечната страна во однос на нашата клупа и, како по правило, дојдоа проблемите.

„Ракомет се игра 60 минути, не само едно полувреме, не само на таа брза страна кога Киро може брзо да се смени. За жал тоа е реалноста, тоа што го видовме во овие три натпревари – тоа е Македонија. Кога играме на таа далечна страна сме немоќни, кога сме на брзата можеме да играме против сите и тоа е тоа“, оценува Стоилов.

Во вториот дел не дека Исланд доминираше, но ја презеде контролата на мечот. По неколку наши грешки, Раул реши да менува и да се врати на напад шест на шест.

„Одамна немавме играно шест на шест. Таков е ракометот, не може да се игра без грешки. Имавме шанса да се вратиме, шанса за победа, не ја искористивме. Исланд на крај заслужено победи, беа поконкретни“, додава Стоилов.

По еден ден одмор, има следат двата меча кои ќе го одредат конечниот пласман на СП, првиот од нив е против Русија или попрецизно, против Тимур Дибиров и останатите колеги од Вардар.

„И тоа ќе биде натпревар како секој друг. Мора да бидеме ние вистинските и да играме до крај. Барем ќе биде интересно против Тимур и останатите“, се обиде да се пошегува Стоилов.