Селекторот на Словенија: Не ни дозволуваат да се израдуваме, потребни се промени во ракометот

Словенечката репрезентација прикажа одлични партии на Европското ракометно првенство, но сепак не успеа да се пласира во големото финале.

Словенците беа поразени синоќа во полуфиналниот дуел против Шпанија, со 34-32, а селекторот на репрезентацијата, Љубомир Врањеш, не беше задоволен од судиските одлуки за време на натпреварот, па заработи исклучување. Затоа тој мораше да отстрани еден играч од клупата и да го прати на трибините.

Се чини дека на Врањеш му пречеше должината на нападот на Шпанија, односно толеранцијата од страна на судиите.

Делегатите ги преземаат своите одговорности премногу сериозно. Ракометот е емотивен спорт. За време на мечот сите од клупата стануваат и реагираат на она што се случува на теренот. Денес немате право да се радувате. Кога делегатот ќе го повика судијата да му покаже жолт картон на играчот, тоа го расипува расположението на целата клупа. Посакувам да се воведе одбројување на нападите во ракометот. Тоа би било добро за сите. На едниот тим секогаш му е дозволено да нападне 35, а другиот 55 секунди. Ова прави премногу разлика кога натпреварот трае 60 минути, истакна Врањеш.

Словенечкиот селектор даде предлог за промена на правилата и временските ограничувања за напад.

На пример, нападот може да потрае една минута, тоа би било убаво. Вчера, Шпанците одеа само до центарот 25 секунди. Тоа треба да се разгледа, но повторно велам дека тоа не е причината за нашиот пораз во полуфиналето, истакна Вранеш, кој со својата селекција во овие моменти го игра натпреварот за бронзен медал.