Триумф над Австрија ја носи Македонија на чекор до олимписки квалификации!

Денешниот натпревар (18.15) со Австрија е многу важен за македонската ракометна репрезентација не само за пласманот во главната фаза на Европското првенство, туку и за малку подалечната - олимписката иднина.

Ако ја победи Австрија, Македонија значајно ќе си ги зголеми шансите за пласман на олимписките квалификации, зашто ќе влезе во топ-12 селекции на ЕВРО 2020. Тие 12 уште не се дефинитивно и комплетно познати, меѓутоа ќе ја анализираме најповолната варијанта за да доловиме колку блиску до нас може да биде еден од трите квалификациски турнири.

Хрватска и Шпанија со по два и Германија и Белорусија без бодови се сигурни во новоформираната група во Виена и на нив ги додаваме Македонија со два и Австрија со нула. 

Во новата група во Малме, Норвешка, Португалија, Словенија и Исланд се сигурни, а посакуваме да им се приклучат и Данска и Шведска.

На тој начин, во топ-12 селекции ќе има пет кои веќе имаат обезбедени олимписки квалификации преку ланскиот Мундијал, плус светскиот првак Данска, која директно оди на ОИ, така што Македонија ќе се бори за последните две места на квалификациите против Португалија, Австрија, Словенија, Исланд и Белорусија. Меѓутоа, задачата е олеснета поради тоа што шесте селекции се поделени по три во двете групи, така што Македонија драстично ќе си ги зголеми шансите само ако биде пред Австрија и Белорусија во новата група во Виена.

Тоа значи дека би биле најмалку четврти меѓу тие шест, а на вкупниот пласман на ЕП најлошо можно би ни било осмото место. Сè што ќе треба да помогне спортската среќа е во другата група, во Малме, максимум една селекција од Словенија, Исланд и Португалија да биде во првите четири.

За да биде појасно, ќе направиме хипотетичко сценарио. Да речеме дека по одигрувањето на натпреварите во новата група во Виена табелата гласи: 1. Шпанија, 2. Хрватска, 3. Германија 4. Македонија, 5. Австрија, 6. Белорусија.

Во Малме, пак: 1. Норвешка, 2. Данска, 3. Исланд, 4. Шведска, 5. Словенија, 6. Португалија. На овој начин Македонија и Шведска би биле седми или осми на првенството, Германија и Исланд ќе се распоредат на петтото и шестото место, па Македонија и Исланд, како први две репрезентации кои сè уште немаат виза за олимписките квалификации ќе ја добијат таа привилегија.

Се разбира, за да дојдеме во ваква позиција ислучително важно ќе биде да се победи денеска Австрија (со потребната разлика), а потоа и Белорусија во втората фаза. Важно е да сме пред нив, а ако откинеме некој бод од „големите“, тогаш работата може да биде уште полесна. Истовремено, ќе навиваме во втората фаза, во Малме, Исланд, Словенија и Португалија да губат што е можно повеќе бодови.