Наум Танески е нов селектор на ракометната репрезентација до 18 години!

Актуелниот тренер на РК Струга, Наум Танески е назначен за нов селектор на македонската репрезентација за ракометари од генерацијата 2006 година и помлади. Танески беше во стручниот штаб на Раде Стојановиќ на две години повозрасните младинци, кои ова лето го освоија деветтото место на СП во Хрватска.

Со тоа, потегот на РФМ значи продолжување на истиот ситем на работа со овие млади категории и обид да се постави еден континуитет учества на елитните младински првенства на ЕХФ. Првата шанса за такво нешто, оваа репрезентација за ракометари до 18 години ќе ја има на квалификациски турнир за ЕП 2024.

„Кадетската машка репрезентација ќе учествува на квалификациски турнир кој ќе се одржува во периодот 04.01.2024 - 08.01.2024 година. На турнирот ќе учествуваат и националните селекции на Косово, Швајцарија и Словачка од кои најдобрите 2 селекции ќе обезебедат пласман на EHF EURO M18 (2024) во Црна Гора. Организатор на групата за квалификацискиот турнир е РФМ, натпреварите ќе се одигруваат во Скопје, спортскиот центар „Автокоманда“, а во пресрет на подготвителниот период машката кадетска репрезентација ќе учествува и на турнирот „Трофеј Карпати“ кој ќе се одржи во Плоешти, Романија во период од 25ти до 29ти Октомври 2023, каде ќе учествуваат и националните кадетски селекции на Египет, Црна Гора и Романија“, информираа од РФМ.

Помошник на Танески ќе биде Миле Бочкаровски.