Мукаетов: Посакувам три победи и најмалку 12 дена на СП во Вараждин!

Македонската ракометна репрезентација финишира со подготовките за Светското првенство (СП), кое ќе се одржи во Вараждин (Хрватска), каде што нашите ракометари ќе се соочат со Унгарија, Холандија и Гвинеја во првата фаза од шампионатот.

На прес-конференцијата посветена на овој настап, присутни беа претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, селекторот Кирил Лазаров и капитенот на репрезентацијата, Филип Кузмановски. Предводникот на македонскиот ракомет го истакна значењето на Мундијалот, кое ќе биде последно во неговиот мандат. Тој ја изрази својата поддршка за репрезентацијата и оптимизмот за позитивен резултат.

„Мило ми е што и оваа година започнуваме со подготовки за настап на едно големо првенство. Ги повикуваме нашите фанови да дојдат во Хрватска и да ни дадат поддршка. Верувам дека ќе имаме многу пријатни моменти,“ изјави Мукаетов.

Тој ги сподели своите амбиции за претстојниот турнир.

„Посакувам да останеме најмалку 12 дена, што би значело пласман во главната рунда. Ако се прашувам јас лично, искрено посакувам најмалку три победи“, дополни предводникот на РФМ.