Ѕверот Јокиќ му се одмазди на Вембањама – за 24 часа постигна 87 поени (ВИДЕО)

Српскиот кошаркар, Никола Јокиќ, повторно ја покажа својата доминација во НБА-лигата, постигнувајќи 46 поени во синоќешната победа на Денвер Нагетс против Сан Антонио спарс (122-111) по еден екстра период.

Ова беше третата најдобра партија на Јокиќ оваа сезона, по 56 поени против Вашингтон и 48 против Атланта во декември, а со што дојде до вкупно 87 поени во нецели 24 часа во двомечот со тимот од Тексас. Јокиќ особено блескаше во продолжението, во кое постигна девет од вкупно 14 поени за својот тим, додека францускиот талент Виктор Вембањама остана без поени и скокови во дополнителното време. Србинот доминираше на теренот и му се „одмазди“ на францускиот талент за клучната украдена топка во претходниот натпревар, која му го одзеде триумфот.

Јокиќ средбата ја заврши со учинок од вкупни 19/35 од игра, односно со 3/8 за три поени и 5/6 од слободни фрлања. Тој додаде 10 асистенции и девет скокови, останувајќи на чекор до трипл-дабл. Иако промаши едно клучно слободно фрлање во регуларниот дел, што доведе до продолженија, српскиот центар целосно ја презеде контролата во дополнителните минути. Покрај Јокиќ, значаен придонес за победата даде Мајкл Портер со 28 поени, додека Џамал Мареј постигна 13. Расел Вестбрук, иако не блескаше, погоди важна тројка пред крајот на регуларниот дел.

На спротивната страна, Вембањама постигна 20 поени и имаше дури 23 скокови, но неговата ефикасност беше под знак прашалник со само 2/12 за три поени. Девин Васел додаде 19, а Херисон Барнс 22 поени за Спарс. Следниот предизвик за Денвер Нагетс е натпревар против актуелниот шампион, Бостон Селтикс.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Филаделфија 94-123, Детроит – Минесота 119-105, Индијана – Феникс 126-108, Чикаго – Њујорк 139-126, Мајами – Јута 100-136, Сан Антонио – Денвер 111-122 (п), Голден стејт – Мемфис 121-113, ЛА Клиперс – Атланта 131-105.